29.12.2023
Будва Нова година 2024: Поаѓање за Будва од Скопје на паркингот кај хотелот Вип во 23.00 часот со туристички автобус. Патот води преку Косово и Албанија. Ноќно возење со попатни одмори.
Поаѓања вклучени во цената од Прилеп 20.00 часот; Кавадарци во 21.15 часот; Кочани 19.30 часот; Струмица 19.30 часот; Радовиш 20.15 часот; Штип 21.00 часот; Велес 22.00 часот и Куманово 21.30ч.
Будва е приморски град во Црна Гора. Центар е на општината Будва и има 13,338 жители. Брегот околу Будва, наречен Будванска ривиера, е центарот на туризмот во Црна Гора и е добро познат по неговите песочни плажи, богат ноќен живот и прекрасни градби во стилот на средоземната архитектура.
30.12.2023
Пристигнување во Будва во предпладневните часови, (пауза за фотографирање и уживање во прекрасната панорама на Св. Стефан-едно од најмонденските остров-летувалишта на Јадранското море). Сместување во хотел / приватно сместување.
Слободно попладне за прошетка по кејот на познатата Словенска плажа, со посета на стариот град, цитаделата, бројните кафулиња, ресторани, бутици и галерии. Уживање покрај море во предновогодишна атмосфера.
Вечерта организирана предновогодишна забава пред платото на Стариот град во Будва. Ноќевање.
31.12.2023
Појадок. По појадокот заминување на факултативен излет до Бокакоторскиот залив, со посета на историскиот и средновековен Котор и живописниот и раскошен Тиват.
Прошетка во стариот дел на Котор опколен со ѕидини, испреплетени мали улици каде што се наоѓаат катедралата Св. Трифун и препознатливите цркви Св. Лука, Св Ана, црквата на Пресвета Богородица, средновековна архитектурa, бројни споменици и палати кои го вклучуваат градот во УНЕСКО. Слободно време за индивидуални прошетки или можност да вкусите од познатите његушка пршута, сирење и домашно вино.
Патувањето продолжува за Тиват, кој во последните години стана омилена дестинација на туристите ширум светот. Причината за тоа лежи во шармот на овој град но и во неговиот луксузен комплекс Порто Монтенегро, често споредуван со Монако, дизајниран да ги задоволи потребите на сопствениците на јахтите, членовите на екипажот и туристите. Уживајте со кафе во еден од прекрасните локали покрај брегот и погледот на луксузните јахти.
Попладне враќање во Будва. Слободно време. Вечерта дочек на БУДВА Нова година 2024 пред платото на Стариот град во Будва со новогодишен концерт на ТОНИ ЦЕТИНСКИ, ВАН ГОГ, ЏОРЏЕ ДАВИД, ИВАНА ПЕТЕРС.. или дочек во некои од многубројните ресторани и ноќни клубови. Ноќевање.